Од 17 до 24 мај, под мотото „Тестирај. Лекувај. Превенирај“, се одржува пролетната Европска недела на тестирање, кон која се приклучуваме за и кај нас да се зголеми бројот на луѓе кои се тестираат за ХИВ и за другите сексуално преносливи инфекции, како дел од грижата за сопственото здравје.
Од околу 400 лица со ХИВ, колку што се проценува дека денес живеат во нашата земја, речиси половината не го знаат својот ХИВ-позитивен статус. Mинатата година, пак, над половина од луѓето со ХИВ биле дијагностицирани доцна, со што се одложува навременото започнување со терапија за ХИВ. Со навременото тестирање и редовното земање на терапијата, луѓето со ХИВ не само што можат да живеат квалитетно и долго, туку и се спречува преносот на вирусот бидејќи неговото присуство во крвта толку многу се намалува што не може да се пренесе по сексуален пат дури и кога не се користи заштита (т.е. кондом).
Граѓаните можат бесплатно и доверливо да се тестираат за ХИВ и за други сексуално преносливи инфекции во нашите младински центри „Сакам да знам“ на Водно и во Шуто Оризари. За подетални информации, можат да се јават на телефонските броеви 02/3176 950 и (02) 2651 955 соодветно.
Повеќе информации за ХИВ и за најблиските локации каде што може да се направи ХИВ-тест се достапни и преку мобилната андроид апликација Направи ХИВ тест, која може бесплатно да се преземе на Google Play.