Младите во Куманово ќе можат да добијат бесплатни психолошки советувања, едукации и информираност за сексуално и репродуктивно здравје и права
Денеска, ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување го отвори првиот младински центар „Сакам да знам“ во Куманово, во соработка со Здравствениот дом во Куманово, каде што и ќе биде сместен центарот. Овој младински центар, прв од ваков вид во Куманово, ќе нуди бесплатни и доверливи психолошки услуги за младите, дистрибуција на информативни материјали за сексуално и репродуктивно здравје, врснички едукации за сексуално и репродуктивно здравје, како и простор за младински активизам за сите млади, а особено за оние кои се социјално исклучени или маргинализирани.
Младинскиот центар „Сакам да знам“ во Куманово го отвори Претседателката на Управниот одбор на ХЕРА Румена Ѓердовска Којчески која истакна дека благодарение на поддршката и соработата со Здравствениот дом во Куманово и со локалната самоуправа, младите во Куманово отсега ќе имаат пристап до целосно бесплатни и доверливи услуги за сексуалното и репродуктивното здравје. „Центарот во Куманово се отвора по примерот на постојните два младински центри „Сакам да знам“ на ХЕРА во Скопје кои постојат повеќе од 15 години и се препознаени од Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и Инфективната клиника. Годишно ги посетуваат меѓу 2000 и 3000 луѓе заради дерматовенеролошки и гинеколошки прегледи, услуги за советување и тестирање за ХИВ, советувања од психолози, социјални работници, правна помош и врсничките едукации“, дополни таа.
Свое обраќање имаше и градоначалникот г. Максим Димитриевски кој нагласи дека Општината без двоумење го поддржала отворањето на новиот младински центар затоа што така младите ќе имаат пристап и до простор за активизам и дебати што ќе овозможи отворено да се разговара за теми што често се перципирани како табу и за решенија согласно нивните потреби.
Со отворањето на ваков центар директно се поддржува остварувањето на правата на младите за пристап до научно-засновани и медицински поткрепени информации и едукација за тоа како да го унапредат своето сексуално и репродуктивно здравје. Воедно, добиваат и безбеден простор каде што ќе може да се обратат за прашањата од нивното секојдневие и советување од стручни лица, како и информирање и едукација од нивни врсници.
Ризиците од неинформираноста и ограничениот пристап до услуги меѓу младите се евидентирани во наодите на Меѓународната студија за однесувањата поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст од 11, 13, и 15 години (ХБСЦ, 2017 – 2018 ) на Светската здравствена организација, според кои дури една третина од сексуално активните млади во Македонија барем еднаш имале незаштитен сексуален однос. Народниот правобранител констатира дека во 2016 и 2017 година над 700 малолетни девојки во Македонија станале мајки, а 62 решиле да не ја продолжат бременоста. Од друга страна, според истражувањето на ХЕРА, 96 % од родителите сакаат нивните деца да знаат каде да се обратат за медицинска помош во случај на ризик од ХИВ и сексуално преносливи инфекции.