Жените, сексуалните и родовите малцинства во Македонија се дискриминирани во сите сфери на живеењето и нивните права не се почитуваат. Ова е главната порака која македонските невладини организации ја изјавија во Женева пред Комитетот на Обединети нации задолжен за следење на имплементацијата на Конвенцијата на Елиминација за сите форми на дискриминација кон жените од страна на Република Македонија.
Претставничките од невладините организации во Македонија пред Комитетот изјавија дека во периодот од 2008 до 2016 година, 70 жени се убиени во земјава, од кои 51 е жртва на фемицид, односно е убиена само затоа што е жена. А 80% од нив се убиени од интимен партнер. Тие потенцираа дека државата потфрли да им обезбеди заштита на жртвите на родово базирано насилство.
Пристапот до здравствена заштита и услуги за жените останува ограничен, особено пристапот до безбеден и законски абортус и контрацепција. Позицијата на жените на пазарот на трудот е повеќе од алармантна. „Во Македонија, 65% од неактивната популација на пазарот на трудот се жени што во најголема мера се должи на неплатената домашна работа на жените. Особено загрижувачка е состојбата со текстилните работнички кои се соочуваат со континиурано прекршување на нивните работнички права и погазување на достоинството“, истакнаа невладините организации.
Пред Комитетот се обрати и претставничка од организацијата на сексуални работнички која истакна дека 68% од нив преживуваат насилство поради нивната работа и се соочуваат со ограничен пристап до здравство, социјални услуги и правна заштита. По заминувањето на Глобалниот Фонд од Македонија и преземањето на финансирањето на програмите за превенција на ХИВ меѓу сексуалните работници, државата не обезбедува средства за правна помош на сексуалните работници ниту бесплатни гинеколошки услуги, што влијае врз нивното сексуално и репродуктивно здравје и права.
Лезбејките, бисексуалките и трансродовите (ЛГБТ) луѓе сè уште се на маргините во нашето општество. Претставниците изјавија: „Државата потфрли во истрагата на кривичните дела од омраза и говорот на омраза насочени кон ЛГБТ луѓето и тоа придонесе за зголемување на насилството. ЛБТ луѓето во Македонија немаат доверба во институциите и многу ретко го пријавуваат насилствто или дискриминацијата, а тие кои пријавиле, биле дополнително дискриминирани од страна на службениците.“ Исто така, беше потенцирано дека младите ЛГБТ луѓе секојдневно преживуваат врсничко насилство поради нивната сексуална ориентација или родов идентитет.
Ромките се соочени со повеќекратна дискриминација, и како жени и како Ромки, со ограничен пристап до правата загарантирани со Конвенцијата. Загрижува фактот дека сè уште има Ромки незапишани во матичната книга на родени, без регулиран граѓански статус и престој, кои не поседуваат важечка лична документација. „Особено сме засегнати од ограничениот пристап до образование, вработување и самовработување, адекватно домување и квалитетна здравствена заштита, посебно во делот на репродуктивното здравје“, изјавија претставничките присутни на сесијата на Комитетот.
Жените од руралните средини се невидливи и заборавени од страна на државата. Тоа го потврдуваат социјалната исклученост, невработеноста, родовата дискриминација, нееднаквата распределба на ресурси, доминацијата на традиционалните норми, неостварувањето на правото на сопственост на земјоделски имот и на породилно отсуство, како и ограничениот пристап до едукација, информација, здравствени и социјални услуги, беше истакнато од невладините организации пред Комитетот.
~~~
Комитетот за елиминација на дискриминацијата врз жените на Обединетите нации се состанува на секои 4 години каде што се разгледува имплементацијата на Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација кон жените. Конвенцијата е ратификувана од Република Македонија во 1994 година. Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените е усвоена од Генералното собрание на Обединетите нации во 1979 година. Често опишувана како меѓународен закон за правата на жените, оваа Конвенција го дефинира значењето на дискриминацијата врз жените и утврдува правни обврски за земјите членки да стават крај на таа дискриминација.
Невладините организации се обратија со изјави пред Комитетот во понеделникот, 29 октомври, а претставниците од Владата на Република Македонија ќе се обратат во четврток, 1 ноември, на сесијата за преглед на спроведувањето на Конвенцијата од страна на Република Македонија со почеток од 10 часот. Целосната сесија може да се следи во живо на webtv.un.org
Женева,
30 октомври 2018 година
~~~
Невладини организации: ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Коалиција Маргини, ХОПС, СТАР-СТАР, Здружение ЕСЕ, Акција Здруженска, Отворена порта Македонија, Европски центар за права на Ромите, Хелсиншки комитет за човекови права во Република Македонија – ЛГБТИ Центар за поддршка, Здружение Реактор – Истражување во акција, Иницијатива на Ромки од Шуто Оризари, Центар за интеграција – Амбрела, Центар за развој на демократија и иницијативи – ЦДРИМ, Центар за социјални иницијативи Надеж, Здружение Сумнал, Национална федерација на фармери, Национален ромски центар, Мрежа за застапување на Роми.