Денес во Скопје се одржа национална конференција за Родово одговорно буџетирање на локално ниво. Конференцијата беше организирана од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражувања-ХЕРА, здружението за еднакви можности – Еднаков пристап и Националниот совет за родова рамноправност НСРР-СОЖМ со техничка поддршка на канцеларијата на UN Women–Телото на Обединетите Нации за Родова еднаквост и зајакнување на жените.
На конференцијата беа презентирани резултатите и препораките од спроведените родови проценки на селектирани локални политики, програми и буџети на општините Гостивар, Дебар, Куманово, Прилеп, Струмица, Теарце, Центар, Штип во рамки на регионалниот проект “Промовирање на родово одговорни политики во југоисточна Европа“ имплементиран од страна на UN Womеn. Проценките даваат директни насоки за унапредување на локалните политики, програми и буџети почитувајќи ја родовата еднаквост. Исто така беше презентиран и пример на добра пракса на Град Скопје, општина која донесе локална стратегија за родово еднаквост и се залага за нејзина имплементација преку примена на концептот на родово одговорно буџетирање.
Воедно беше промовиран и првиот прирачник за родово одговорно буџетирање за невладини организации. На Конференцијата присуствуваа околу 70 лица, меѓу кои претставници од државни институции, локални самоуправи и граѓански организации.