Денес е светски ден на лицата со Даунов синдром. 21 март е симболично одбран датум поради трите копии на 21-от хромозом (трисомија 21) што се присутни во клетките на лицата со оваа состојба. Често постојат заблуди околу сексуалноста и сексуалното и репродуктивно здравје и права кај лицата со Даунов синдром, и попреченост воопшто. Во овој текст ќе пробаме накратко да изнесеме и разјасниме некои од аспектите на сексуалноста и сексуалното и репродуктивно здравје.
Сексуалноста и Даун синдром
Сексуалноста ја опфаќа самодовербата на индивидуата, меѓучовечките односи и социјалните искуства кои се поврзани со емотивни и сексуални врски. Сексуалната едукација, соодветна на развојните и интелектуалните капацитети на лицата со Даун синдром се значајни за квалитетен живот и здрава сексуалност, превенција на ризик од сексуална злоупотреба, избегнување на сексуални недоразбирања, превенција од сексуално преносливи заболувања, заштита од непланирана бременост и ублажување на други проблеми поврзани со сексуалната функција.
Александар Матовски Цако
Дали лицата со Даун синдром имаат сексуални чувства?
Многу често сексуалноста се негира кај лицата со Даун синдром поради неточните верувања дека интелектуалната попреченост е причина за тие постојано да бидат деца. СИТЕ лица, вклучително и лицата со Даун синдром имаат сексуални чувства и потреба од блискост, љубов, интимност. Сексуалноста е интегрален дел од личноста на секоја индивидуа. Значајно е да се признае и препознае ова право и потреба кај лицата со Даун синдром од страна на семејствата, професионалците и општеството генерално.
Сексуалната едукација е начин за јакнење на капацитетите на лицата со Даун синдром за правење на избор и изразување на своите желби и потреби согласно развојните капацитети на секоја индивидуа.
Дали децата со Даун синдром се развиваат физички на ист начин како и нивните врсници од општата популација?
Децата со Даун синдром ќе го доживеат истиот редослед на физички и хормонални промени поврзани со пубертетот како и нивните врсници од општата популација. Сепак, може да имаат забавен развој во развојот на социјалната зрелост, емоционалната самоконтрала, социјалната комуникација, апстрактното мислење и способноста за решавање на проблеми.
Дали децата со Даун синдром имаат искуства со чести емотивни промени кои се карактеристика на адолесценција?
Емотивните промени кои се карактеристични за периодот на адолесценција исто така се присутни кај тинејџерите и адолесцентите со Даун синдром и истите може да се интензивираат под влијание на социјалните фактори. Тинејџерите и младите лица со Даун синдром, како и нивните врсници од општата популација, често се интересираат за врски, излегување и социјални контакти, брак и родителство. Во период на адолесценција може да имаат типични промени во изгледот и расположението карактеристични за овој развоен период.
Дали девојчињата и жените со Даун синдром имаат нормален менструален циклус?
Менструацијата кај девојки и жени со Даунов синдром не се разликува од менструалниот циклус на нивните врсници во општата популација. Во просек, менструалниот циклус започнува на возраст од 12 ½ години, може да почне уште на возраст од 10 години, но не подоцна од 14 годишна возраст. Повеќето девојки и жени со Даунов синдром имаат редовни циклуси со мали нерегуларности како и нивните врсници од општата популација.
фотографија: Graeme Robertson
Каков вид на сексуална едукација е соодветен за лицата со Даун синдром?
Сексуалната едукација за лицата со Даун синдром мора да биде разбирлива и да се има индивидуален пристап во креирање и спроведување на истата. Освен физичките репродуктивни аспекти, треба да се има фокус на процесите на донесување одлуки, општествените норми, притисокот од врсниците, врските, социјалните вештини и можностите на секоја личност. Ставање на сексуалноста во контекстот на животот во заедницата бара јакнење на личните вредности и капацитети и одговорност како возрасен. Идеалната програма обезбедува лицата со Даун синдром да го разберат своето тело, емоциите, однесувањето и нивните врски и односисо социјалната и културната средина. Информациите за сексуални односи, како и другите начини на изразување на сексуалноста, вклучително и родителството, треба да бидат точни (вистински), реални и да ја нагласат значајноста на личната одговорност и однесувањето кое е соодветно за возрасен поединец.
Дали жените со Даунов синдром имаат некои посебни потреби или проблеми во врска со контролата на раѓање?
Околу 50% од жените со Даунов синдром се плодни и може да се користи било кој метод на контрацепција. Избраниот метод ќе зависи од личениот избор, способноста за ефикасно користење на контрацепција и можните несакани ефекти.
Како да се превинира СПИ и ХИВ/ Сида кај лицата со Даун синдром? Дали има посебни препораки?
Мажите и жените со Даунов синдром имаат иста подложност на сексуално преносливи инфекции (СПИ), како и остатокот од населението. Употреба на кондоми при сексуален однос е најдобро позната форма на заштита од ХИВ/ СИДА, херпес и други сексуално преносливи инфекции. Сексуалната едукација треба да содржи информации за сексуално преносливи болести и како да се намали ризикот од нивно пренесување.