На 26 и 27 февруари 2018 година во Скопје се одржа консултативна средба на делегати од девет земји-членки на Регионалниот координативен механизам за Југоисточна Европа. Целта на средбата беше заеднички да се разгледаат приоритетите на регионално ниво во однос на обезбедување одржливост на националните програми за превенција од ХИВ и туберкулоза.
Регионалната средба ја отвори Аида Куртовиќ, претседавачка на Управниот одбор на Глобалниот фонд за борба против СИДА, маларија и туберкулоза (ГФ) која зборуваше за неопходната соработка на земјите во регионот, за размена на искуства и за механизми за државно финансирање на превентивни сервиси за ХИВ и туберкулоза.
Министерот за здравство на Република Македонија г. Венко Филипче нагласи дека за Владата на Република Македонија е приоритетно обезбедувањето на одржливост и одговорна транзиција на сервисите за ХИВ во првите 6 месеци по завршувањето на финансирањето од Глобалниот фонд:
„Ние веруваме дека преку механизмот на државно финансирање, особено финансирање на заедницата и граѓанскиот сектор како и дополнителни инвестиции во третман, дијагностика, грижа и поддршка, ќе се одржи ниската преваленца на ХИВ и туберкулоза во земјата. Отворени сме за соработка со другите министерства за здравство од регионот со цел заеднички да дојдеме до подобри решенија“.
Тој најави и дека македонската влада ќе биде домаќин на состанокот на Одборот на Глобалниот фонд кој ќе се одржи на 9 и 10 мај годинава.
Христијан Јанкулоски, претставник на Платформата за ХИВ зборуваше за системските решенија за државно финансирање на превентивните сервиси за ХИВ и туберкулоза спроведени од невладини организации за клучни популации.
Во период во кој владите на земјите-членки се соочени со предизвикот да обезбедат одржлив одговор кон ХИВ и туберкулоза, неопходно е да се развие заедничка регионална агенда со конкретни чекори за застапување со цел обезбедување универзален и одржлив пристап до сервиси за ХИВ и туберкулоза за клучните популации.