Денес (21 септември) се одржа Годишното Собрание на ХЕРА за 2024 година, на кое пред бројното членство беа презентирани постигнувањата и активностите реализирани во текот на изминатата година. Настанот беше отворен со поздравен говор од Претседателката , Румена Ѓердовска Којчески, која ја истакна важноста на тимската работа и посветеноста на членовите за успешното спроведување на програмите и иницијативите на организацијата, по што продолжи со презентација на Годишниот програмски извештај за 2023 година и ја претстави новата Комуникациска стратегија на организацијата, истакнувајќи ја важноста на транспарентноста и ангажманот на јавноста во нашата работа.
Финансискиот извештај за 2023 година го претстави секретарката на Управниот одбор, Мери Кокановска, детално објаснувајќи ги резултатите и постигнатите финансиски цели. Во продолжение, Ана Попризова, членка на Управниот одбор, ја сподели успешната приказна за ММ Центарот – Центарот за поддршка на мажи и момчиња, кој постигна значајни резултати во текот на годината.
Оваа година, на Собранието беа претставени седум нови членови, кои изразија поддршка за мисијата и визијата на ХЕРА и ги споделија своите мотиви за пристапување кон организацијата. Покрај тоа, беше избрана и новата младинска претставничка во Управниот одбор, со што се потврдува посветеноста на ХЕРА за активно вклучување на младите во донесувањето одлуки.
Благодариме на сите членови и поддржувачи за континуираната доверба и посветеност. Заедно, продолжуваме да ја градиме ХЕРА како организација која инспирира и создава позитивни промени во општеството!