Во текот на 2020 година, за време на карантинот, спроведовме истражување за меѓуврсничкото насилство и за улогата на стручните служби во справувањето со овој проблем. Преку анкета и фокус-групи, ги измеривме перцепциите на вкупно 1047 ученици – безмалку половината од сите ученици – запишани во втора, трета и четврта година во три средни училишта во Скопје.
Според анкетата, 78 % од средношколците никогаш не биле упатени на разговор кај психолог или педагог кога покажувале знаци на насилство или биле потенцијална жртва на насилство. Речиси 37 % од средношколците изјавуваат дека во нивните училишта се случило најмалку еднаш некој од нивните соученици да бил жртва на насилство поради сексуална ориентација или родов идентитет.
Анализата на наодите укажува дека постои значителна разлика помеѓу перцепциите на хетеросексуалните млади за разлика од ЛГБТИКА+ младите кои токму поради почестите претходни негативни искуства, се помалку мотивирани да се обратат кај стручните служби за разлика од нивните хетеросексуални врсници.
Насилството врз ЛГБТИ младите е невидливо за стручните служби во училиштата во Скопје, а меѓуврсничкото насилство е меѓу најзастапените форми на насилство во училишните средини. Оттука, наодите од истражувањето недвосмислено укажуваат дека е неопходна сеопфатна едукација и на учениците и на училишниот кадар за да се намалат стигмата, предрасудите и стереотипите за ЛГБТИКА+ младите.
Врз основа на истражувањето, подготвивме документ за јавни политики кој содржи искуства од младите и препораки за надлежните како да се надмине овој проблем. Воведувањето на сеопфатното сексуално образование е само една од нив.
Истражувањето „Меѓуврсничко насилство и улогата на стручните служби: Перцепии на учениците од средните училишта во Скопје“ е достапно на македонски на овој линк. Документот за јавни политики е достапен на македонски и англиски јазик.