Ова е последното од низата интервјуа со Ромки што ги објавивме во изминатиот период, во рамките на проектот „Ромките застапуваат за еднакви можности при вработување“, финансиран од шведската фондација „Квина тил Квина“. Целта ни е да ја подигнеме јавната свест за дискриминацијата и стигмата за жената Ромка во областа на вработувањето. Преку споделување позитивни приказни на успешни Ромки сакаме да ги поттикнеме идните генерации да се образуваат, да градат кариера и да станат еднакви во општеството.
Мабера Камбери е дипломиран социолог и е вработена во Министерството за труд и социјална политика од 2003 година како Раководител на Секторот за координација и техничка помош на министерот, работно место што бара голема посветеност. Таа е и сопруга и горда мајка на две деца кои успешно си го трасирале животниот пат и своите кариери.
Како малечка, сонувавте ли да бидете тоа што сте денес?
Потекнувам од семејство во кое на образованието се посветувало големо внимание. Мојот татко е првиот Ром со универзитетска диплома, од Економскиот факултет при УКИМ, па природно беше дека по завршувањето на Средното медицинско училиште, ќе продолжам на некој факултет во Скопје. Како и многу други деца, и јас од мали нозе сакав да бидам лекар, но се запишав на Филозофскиот факултет, и по 4 години станав дипломиран социолог. Од мала не можев да сонувам дека еден ден ќе работам во министерство, дека ќе раководам со сектор и дека ќе имам толку одговорна работа.
Како стигнавте дотука?
Три месеци по дипломирањето се вработив во А.Д. Тетекс Тетово и 17 години работев таму. Во 2003 година се пријавив на оглас на Министерството за труд и социјална политика и оттогаш сум дел од тој тим. За време на студирањето не се соочив со потешкотии, ниту пак додека ја градев кариерата. Со отпочнувањето на меѓународната иницијатива „Декада за вклучување на Ромите“ и мојата номинација да ги раководам активностите поврзани со Стратегијата и Декадата за Ромите, добив можност да се запознаам со исклученоста на Ромите во државава и на меѓународно ниво, а како член на Одбор на меѓународни организации, со стипендии и грантови директно да им помагам на ученици и студенти од ромска националност, како и на невладини организации од самата заедница.
Мислите ли дека срушивте некој стереотип попат?
Пред моето доаѓање во МТСП, немаше ниту еден Ром или Ромка на раководна функција во ниту едно министерство или друг орган на управување. Па, така, можеби јас ги рушам стереотипите дека Ромка може да раководи цел еден сектор и да ја следи работата на нејзините 20 вработени. Во МТСП веќе има и други Роми и Ромки коишто се вработени како раководители на сектори и на други позиции. Можеби сум имала среќа да работам со министри кои имале доверба во мојата работа и со колеги кои одлично ме прифатиле во работната средина поради што сум се чувствувала еднаква како и сите други. Верувам дека секој човек вреди онолку колку што самиот си се цени. Искрено, никогаш не сум се чувствувала инфериорно во однос на мои пријатели, колеги на факултет или на работното место бидејќи сметам дека вредам исто како нив.
Кога ќе погледнете низ годините наназад, кој ви беше најголемата поддршка? Од каде дојде најголемото охрабрување за да станете ова што сте сега?
Моја најголема поддршка ми беше мојот сопруг и моите родители. Низ сите овие години тие беа тука за мене, да ме охрабрат, да ми дадат поддршка за секој мој успех и постигнување.
Што најмногу Ве исполнува во Вашата работа?
Ме исполнува секоја успешно завршена работа и задача во Секторот. Ме исполнуваат и познанствата и соработката што ги имам со другите министерства, Владата, Собранието, меѓународните организации, невладините организации. Ако мојата помош може да направи некого среќен, тогаш и јас сум среќна.
Како Вашата работа го прави светот подобро место за ромската заедница?
Ромите се соочуваат со голем број на проблеми, предрасуди, стереотипи, се наоѓаат на маргините на општеството, во многу случаи се дискриминирани. Ромите се на Агендата на меѓународната заедница и на Владата на РСМ и се прават напори да се интегрираат во општеството, да се образуваат, да се вработат, да имаат поголем пристап до домување, здравствена заштита, со еден збор да се намали јазот помеѓу Ромите и останатите граѓани и да им се овозможи да ги остварат своите законски права.
Кое е Вашето мото? Што би им порачале на младите Ромки?
Би им порачала да се посветат на образованието! Да веруваат во себе и да бидат храбри во стремежот да си ги остварат соништата. И да се ценат самите, ако сакаат и другите да ги ценат.
Фотографии: Сашо Н. Алушевски