Годинава, од 31 мај до 7 јуни, заедно со Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ „Заедно посилни“ ја одбележавме Европската недела на тестирање за ХИВ под насловот „ХИВ позитивни приказни: Животот го живеам во сите бои“.
Преку кампањата споделивме приказни на 7 луѓе кои живеат со ХИВ во Македонија – лични искуства кои се спротивни на доминантните претстави дека живеењето со ХИВ е нужно поврзано со боледување и страдање. Она што ги прави сите овие приказни позитивни е фактот што нивните протагонисти го дознале својот ХИВ-позитивен статус и почнале редовно да ја земаат антиретровирусната терапија, со поддршка од здравствените работници и здруженијата што се занимаваат со прашањето на ХИВ.
Целосните приказни можете да ги прочитате на следниот линк, а во продолжение споделуваме извадоци од нив со надеж дека ќе придонесат ем за менување на јавната перцепција за луѓето кои живеат со ХИВ, ем за поголема грижа за личното сексуално и репродуктивно здравје – што подразбира и редовно користење заштита при сексуални односи и редовно тестирање и советување за ХИВ.