Годинава, од 6 до 9 јули, тимот на ХЕРА Млади ќе биде дел од дојранскиот „Д-Фестивал“ со свое Интимно катче. Покрај низата активности, таму ќе се случува и тридневната изложба на тема „Интима“: отворена за секого – и за разгледување и за учество.
Примарниот мотив за изложбата е погрешната перцепција за терминот интима во нашето општество, конструиран, пренатрупан со еден куп табуа и честопати поврзуван само со сексот.
Интимата претставува чувство на близина, поврзаност, а споделувањето на лични мисли и чувства кои вообичаено не ги изразуваме во секојдневните релации, прави да се чувствуваме разбрани, ценети и да се грижиме еден за друг. Интимноста значи да ја тргнеме пред некого маската што ја носиме, да бидеме отворени и искрени за работите кои најчесто остануваат затскриени.
„Ова утро со неа, пиејќи кафе“– вака Џони Кеш го дефинира рајот, а една 23-годишна девојка вели „За мене, интима е гледањето во очи“.
Што претставува интима за тебе?
Фотографијата е одлична можност да си ги отсликаме личните претстави за интимата, како ја доживуваме или како би сакале да ја доживуваме во иднина.
Ако сакаш да бидеш дел од интимното катче на ХЕРА Млади, пријави се со своја фотка на seksualnoobrazovanie@hera.org.mk најдоцна до 29.06.2018 година.
Се гледаме покрај езеро!