Во изминатите 5 месеци, 48 луѓе добиле над 180 бесплатни услуги во специјализираното советувалиште на „Скај плус“ во Струмица
Од денеска, преку локална кампања ќе се подига свеста на граѓаните во Струмица и во Југоисточниот регион за бесплатните советувалишни услуги за жени жртви на семејно и родово засновано насилство што ги нуди првиот специјализиран сервис „Скај Плус“ во Струмица. Кампањата ја спроведува здружението на граѓани „Скај Плус“ во рамки на проектот „Обезбедување бесплатна правна помош и психосоцијална поддршка за најмалку 200 жени припаднички на малцинствата и ранливите групи’’, кој го спроведуваат ХЕРА – Асоцијација за здравствено образование едукација и истражување и УН ВОМЕН Скопје додека, пак, финансиите се обезбедни од страна на Европската Унија.
По повод почетокот на кампањата, советувалиштето го посетија м-р Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, Костадин Костадинов, градоначалник на Општина Струмица, Ирена Спирковска Лукровска, програмски аналитичар во УН ВОМЕН, Елизабета Божиноска, програмска директорка на ХЕРА и Елена Јовановска, социјален работник во „Скај Плус“.
Од отворањето на Советувалиштето во декември, 48 жени кои доживеале насилство бесплатно добиле над 180 услуги за психо-социјална поддршка и правна помош. Меѓу нив има и лица од руралните средини, лица со попреченост и припадници на етничките малцинства, што потврдува дека колку се услугите попристапни, толку поохрабрени стануваат жртвите на насилство да побараат поддршка. Воедно, дава позитивен пример за успешна соработка на локалната самоуправа и граѓанскиот сектор во справувањето со насилството, особено што општината обезбедува посебен простор за функционирање на Советувалиштето.
Во изминатите две години, ХЕРА спроведе серија специјализирани обуки за третман и постапување со жртви на семејно и родово засновано насилство, и ѝ нуди постојана менторската поддршка на партнерската организација „Скај плус“ која раководи со советувалиштето, меѓудругото и заради стекнување специјализирана лиценца од Министерството за труд и социјална политика. Со добивањето на лиценцата, советувалиштето ќе прерасне во регионален професионален сервис преку кој ќе се обезбедуваат психо-социјални услуги не само за жени жртви на насилство, туку и за нивните деца и за членовите на нивните семејства.
Дополнително, во соработка со општината Струмица се планираат активности за обезбедување на финансиска поддршка на овие услуги по завршувањето на проектот. За таа цел, во тек е изготвување Локален акциски план со буџети како за превенција на насилството, така и за обезбедување на директни услуги за родово засновано и семејно насилство на регионот. За времетраењето на проектот, советувалиштните услуги се обезбедуваат со средства од донаторот, а до крајот на годината и во текот на следната, финансиите ќе бидат обезбедени од страна на општината, со што ќе се гарантира нивната одржливост во иднина.
Промотивните активности се дел од проектот „Обезбедување бесплатна правна помош и психосоцијална поддршка за најмалку 200 жени припаднички на малцинствата и ранливите групи’’, финансиран од Европската Унија и имплементиран од страна на УН ВОМЕН и ХЕРА.