Во Македонија, само 14 % од жените кои се во врска или во брак користат контрацепција која проверено штити од непланирана бременост, а Владата од 2017 година упорно ветува дека ќе ја прошири Позитивната листа на лекови со барем еден модерен контрацептив
26 септември 2022 година – Во земјава, само 14 % од жените на возраст од 15 до 49 години, кои се во врска или во брак, користат модерна контрацепција, а најшироко применуван метод на контрацепција е методот на „повлекување“ (прекинување на незаштитениот сексуален однос пред ејакулација). Во периодот од 2011 до 2018 година се намалува користењето на модерната контрацепција кај нас, вклучително и на оралната контрацепција и на спиралата: во 2018 година, машки кондом користеле само 10 % од паровите. Ова се само дел од алармантните наоди што беа претставени на денешната национална конференција „Контрацепција на позитивната листа! Зошто сѐ уште не сме спремни?“, во организација на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
Наспроти оваа реалност која директно ја загрозува репродуктивната слобода на сите граѓани, стои фактот дека и покрај ветувањата на Владата од 2017 година, и натаму ниту едно контрацептивно средство не е достапно на товар на Фондот за здравствено осигурување. Иако во 2020 година беше изменет Законот за здравствено осигурување со што се олесни начинот на ревидирање на Позитивната листа на лекови, Владата на Република Северна Македонија и Министерството за здравство се‘ уште немаат оформено соодветна Комисија ниту донесено Правилник за Позитивната листа. Како последица на ова, граѓаните во Македонија плаќаат 42 % од вкупниот трошок за лекови и 100 % од вкупниот трошок за средствата за модерна контрацепција што се достапни во земјава.
„И покрај ваквите податоци, буџетот за програмите преку кои Владата обезбедува орална контрацепција, спирали или кондоми и тоа само за исклучително ограничен број жени од социјално ранливи категории и за жени со повторливи абортуси, се намалува. Па така, од 150 жени во 2018 година, во 2020 и 2021 година бројката паѓа на само 50 жени кои добиле бесплатни контрацептиви и тоа само преку здравствените установи на секундарно и терциерно ниво“, истакна Драгана Каровска Чемерска, програмска раководителка во ХЕРА.
Според проф. д-р Ана Данева Маркова, претседателка на Комитетот за безбедно мајчинство, бројни истражувања спроведени на глобално ниво потврдуваат дека пристапот до модерна контрацепција ги намалува мајчината смртност за 25 %, а смртноста на новороденчиња за 20 %. „Одредени методи на контрацепција ја намалуваат инциденцата на ХИВ и на сексуално преносливите инфекции, а соодветната информираност и употреба на контрацепција спречува непланирани бремености“, дополни таа.
М-р Ирина Луческа посочи дека Индексот за Македонија, со кој се изразува потребата за семејно планирање, задоволена со модерни методи во рамки на генералниот национален „Индекс на универзална здравствена покриеност“, е оценет со 25, при што во светски рамки полош индекс од ова имаат само Албанија, Јужен Судан, Сомалија и Чад. Овој поразителен факт може да се илустрира со податокот од Заводот за мајки и деца при Здравствениот дом – Скопје според кој во 2020 година бил преполовен бројот на совети за планирање на семејството во примарната здравствена заштита.
„Анализата на перцепциите на релевантни пратеници за достапноста и употребата на современи средства за контрацепција покажа дека носителите на одлуки се согласни дека треба да има советување за сексуално и репродуктивно здравје, вклучително и за контрацептивните средства“, истакна д-р Марија Ристеска, извршна директорка на ЦРПМ – Центар за истражување и креирање политики и авторка на анализата. „Носителите на одлуки се согласни дека кондомите треба да бидат бесплатни и достапни за секого во здравствените установи, а контрацептивните пилули вклучени на позитивната листа на лекови.“
Иако државата се обврза да воведе модерни контрацептиви на позитивната листа уште во 2010 година со Националната стратегија за сексуално и репродивно здравје 2010-2020, со жалење констатираме дека 12 години подоцна ниту една Влада не успеа да го подобри пристапот до контрацепција. Оттука нашата Влада и сите одговорни институции треба во најкус можен рок да пристапат кон остварување на бројните ветувања што ги имаат дадено како потписници на меѓународни документи, но и на задачите што самите си ги поставиле во рамки на националните стратегии. Ова подразбира отпочнување на процесот на ревидирање на Позитивната листа на лекови заради нејзино проширување со најмалку едно модерно контрацептивно средство, со што би се подобрила универзалната покриеност со здравствена заштита, особено на најранливите граѓани кои немаат пристап до услуги за семејно планирање.