Задоволство ни е да Ви го претставиме Годишниот извештај на Х.Е.Р.А. за 2013 година. Година во која запишуваме низа успеси и резултати од нашата мисија. Гледано во бројки, реализиравме над 20 проекти, обучивме повеќе од 200 здравствени и социјални работници, 1000 млади се едуцирани, отворивме 2 нови сервиси – мобилна гинеколошка амбуланта и семеен центар против насилство, и пруживме директни услуги на повеќе од 5000 лица, најмногу од социјал-но исклучени и маргинализирани заедници. Преку петиции со граѓаните, видео материјали и медиумско застапување продолжи нашата битка за воведување на сеопфатното сексуално образование, а заедно со “Заедно посилни“ го зголемивме националниот буџет за лекови за лица кои живеат со ХИВ. Програмата Ромски Здравствени Медијатори веќе години наназад успешно се спроведува, обучени се нови медијатори и зголемени се државните буџетски средства за овие активности. Особено задоволство ни претставува признанието добиено од Стејт Департментот на САД за нашите активности и заложби за унапредување на правата на лицата со попреченост. Но предизвиците во политичката арена за зачувување на човековите права беа крајно алармантни.
Сексуалните и репродуктивните права беа високо во фокусот на националните политики, но најмногу користени за омраза и осуда на ЛГБТ правата и делигитимирање на правото на избор на жената. ЛГБТ лицата беа “каменувани“, а со новиот закон за абортус се ограничи слободата и правото на избор на жената за прекин на бременоста. Новиот закон беше удар на либералната законска рамка и правата на жените која опстојуваше во изминатите 40 години. ХЕРА презема улога на “водач“ организација и набрзо се организираа низа активности да се блокира донесувањето на законот. Започнаа протести на активистите пред Собранието, лобирање и дебати со пратеници, министри, претседателот на Република Македонија. Иако законот беше донесен не се откажавме, заедно со повеќе граѓански организации беше поднесена и претставка за испитување на уставноста на законот за абортус под образложение дека се противречни на основните слободи на човекот да одлучува како ќе го планира семејството.
Во 2013 Х.Е.Р.А. избра нов Управен одбор и претседател на организацијата, а на претходниот состав и претседателката д-р Милена Стевановиќ длабоко и заблагодаруваме на целата посветеност и заложба во изминатите 6 години. Х.Е.Р.А. во текот на годината спроведе евалуација на тековната стратегија и ги постави основните приоритети на новата развојна рамка за наредните 4 години која ќе биде усвоена на следното Собрание на членови и волонтери на организацијата во 2014 година. Сексуалното и репродуктивно здравје и понатаму останува во центарот на нашето постоење за унапредување на човековите права и борбата против социјалната исклученост и родовата нееднаквост.
На крајот сакаме да им се заблагодариме на сите наши волонтери, соработници и донатори кои ни даваат поддршка и кои веруваат во нас во изминатите години. Нашата борба за враќање на женското достоинство и родовата еднаквост, заштита и промоција на сексуалните права како човекови права продолжува.
Уживајте во читањето!
Нинослав Младеновиќ – Претседател
Бојан Јовановски – Извршен директор