Ни претставува големо задоволство да ви го претставиме Годишниот извештај на Х.Е.Р.А. за 2012 година. Ќе видите еден поинаков и, се надеваме, поинтересен пристап на претставување на нашите достигнувања и предизвици во текот на минатата година. Користејќи стил што наликува социјалните медиуми, извештајот изобилува со безброј „црцорења“ или „твитови“ за нашите успеси, со фотографии и вистински приказни кои го визуализираат она што го сработевме и на крај ги доловуваат судбините на луѓето кои се судруваат во своето секојдневие во потрагата за подобро сексуално и репродуктивно здравје (СРЗ) и остварување на своите права.
Оваа година ја прославивме 60-годишнината од постоењето на Меѓународната Федерација за планирано родителство – IPPF и тоа тука во Скопје, заедно со околу седумдесет активисти кои претставуваа повеќе од четириесет европски земји. Имено, Х.Е.Р.А. ја имаше честа да биде домаќин на годишното Собрание на Европската мрежа на МФПР и заедно со претседателката Јоана Дек и извршната директорка Вики Клејс одржа прес конференција на која ги презентираше наодите од регионалната студија за употреба на контрацепција. Одбележувањето на годишнината го продолживме со доделувања на признанија за поединци и организации од различните сфери на општественото живеење, на соработници и подржувачи на нашата кауза кои во годините наназад неуморно се вложија во унапредување на сексуалните права. Не прави посебно среќни и нашата прва публикација која е збир на текстови на наши волонтери и вработени кои секојдневно работат на промоција на СРЗ – “Жените и мажите кои работат во ХЕРА се обидоа, низ своите текстови, преку свои лични согледувања, да ги истакнат проблемите со кои што се соочуваат секојдневно и кои стојат како пречки за остварување на правата на граѓаните, кога сексуалното и репродуктивното здравје е во прашање.“
Општата политичка атмосфера во 2012 може да се опише со целосно прифаќање и нормализирање на опозиционерските политики кон СРЗ и сексуалните права водени од конзервативните политики. Се намали бројот на невладини организации кои продолжија да работата на агендата на човековите права, а оние кои останаа доследни на своите принципи најчесто беа обележани како „помошници“ на актуелната политичка опозиција и некои кои работат против националните интереси. И медиумите станаа жртви на политиките, а оние кои беа доследни поддржувачи на агендата за СРЗ и сексуалните права „преку ноќ“ престанаа да се интересираат за теми кои не се во линија на позициите на власта. И женските права и правата на сексуалните малцинства не беа поштедени, бевме сведоци на силна хомофобична кампања и на јавно жигосување на они кои се бореа за правата на жените и припадниците на ЛГБТ популацијата. Тие беа обележани како „виновници“ за намалување на растот на нацијата и противници на конзервативната пронатална политика. Иако секогаш подготвени за аргументирана дебата за сексуалното и репродуктивното здравје и сексуалните права, како и за начините за нивно унапредување, сепак станавме загрижени кога се соочивме со пораки со кои нашата сеопфатна мисија, без никакви научни докази, се дели, се расцепкува на контрадикторни делови, кога правата да се има децата сеспротивставуваат на правата на жените или правата на оние со различна сексуалност, односно нашата мисија едноставно се делегитимизира.
Но ова не нè обесхрабрува и нема да застанеме, туку и понатаму силно и гласно ќе се залагаме за нашите вредности во одбрана на сексуалните и репродуктивните права како фундамент на човековото постоење и човековите права воопшто.
Сакаме да им се заблагодариме и на сите наши волонтери, соработници и партнери за нивниот придонес и довербата вложена во нас.
Уживајте!
Милена Стевановиќ – Претседателка
Бојан Јовановски – Извршен директор
Преземи го годишниот извештај на македонски и англиски