ERA – LGBTI Equal Rights Association за Западен Балкан и Турција во соработка со своите организации-членки од Македонија, годинава ќе ја одржи својата регионална годишна конференција “Against All Odds We Claim the Future” во Скопје, Македонија од 3 до 6 октомври.
Потребни ни се 20 волонтер(к)и од Македонија кои би сакале да ни се приклучат во текот на конференциската недела и да го споделат со нас ова прекрасно искуство. Потребна ни е помош во некои логистички аспекти од конференцијата, коишто веруваме ќе го направат искуството незаборавно како за регионалните, така и за македонските ЛГБТИ заедници.
Волонтерите ќе треба да придонесат во дел од активностите по неколку часа на ден, а дополнително ќе можат да присуствуваат на сите работилници и на другите настани во рамки на конференцијата. Конференцијата е со разновидна агенда и динамичен карактер, па веруваме дека ќе можете да запознаете многу нови луѓе, да научите нови работи и да уживате во ова специјално и уникатно искуство.
Доколку имате слободно време кое би сакале да го поминете со нас, имате ентузијазам за ЛГБТИ правата, сакате да учите нови работи поврзани со оваа тема и сакате да запознаете нови пријатели, поканети сте да ни се придружите!
Волонтер(к)ите треба:
- Да се слободни на 2, 3, 4, 5, 6 и 7 октомври (не мора да бидат достапни во текот на сите наведени денови, организацискиот одбор ќе направи соодветен распоред согласно можностите на сите волонтер(к)и);
- Да бидат запознаени и поддржувачки настроени кон ЛГБТИ заедницата и движењето;
- Да се однесуваат со почит спрема различноста на другите волонтер(к)и или учеснички/-ци без разлика на нивната сексуална ориентација, родов идентитет и изразување, возраст, етникум, религиозни убедувања, способности итн.;
- Да придонесат кон мирољубива и позитивна средина во која сите ќе се чувствуваат добредојдени и прифатени;
- Да бидат ентузијастични и да придонесат за успешно спроведување на активностите;
- Да знаат да комуницираат на англиски јазик (којшто е официјалниот јазик на конференцијата)
Повикот е отворен за сите на возраст од 18 до 25 години. Конференцијата го покрива учеството на сите работилници, активности, настани. Конференцијата не покрива дополнителни трошоци (сместување, патни и други трошоци освен горенаведените).
Доколку сте заинтересирани да ни се приклучите, најдоцна до 15 септември (сабота) пријавете се со кратко писмо за мотивација на elena.petrovska@hera.org.mk; повеќе информации можеме да ви дадеме и на 075 207 187.