Нема сомнение дека најефикасниот одговор за надминување на недостигот на релевантни информации, а паралелно со тоа, и на соодветни ставови во врска со сексуалноста и сексуалното и репродуктивното здравје е да се воведе континуирано, систематско, инклузивно сеопфатно сексуално образование (ССО) на кое му претходи темелна обука на наставен кадар за негова реализација.
Токму затоа, ХЕРА со години се обидува да го премости јазот меѓу потребата од една страна и можностите и состојбите од друга, и уште од 2014 година организира врсничка едукација во средните и основните училишта за да им овозможи на младите пристап до информации и знаења за сексуалното и репродуктивното здравје и права.
Сакајќи да ги идентификуваме ефектите од врсничката едукација што ја спроведовме во периодот од 2017 до 2019 година, во 2020 година направивме евалуација при што предвид ги земавме таргетите зацртани со програмата (број на обучени млади лица, број на обучени сертифицирани едукатори и број на спроведени обуки), ги споредивме знаењата и ставовите на обучените млади лица пред и по обуката и ги утврдивме проблемите и предизвиците со кои се соочува програмата, низ искуствата на непосредните корисници.
Заклучоците од анализата укажуваат дека младите и од македонската и од албанската етничка група развиле попозитивни ставови, при што најголемата разлика кај македонските учесници има на компонентата за сексуалното и репродуктивното здравје, а кај албанските учесници на компонентата различност. Значително се зголемува информираноста кај сите учесници, и кај двата пола. Притоа, промената е поинтензивна кај учесниците кои следеле настава на албански јазик, но кај нив и нивната стартна основа е пониска.
Евалуацијата за ефектите од спроведената врсничка едукација за ССО е достапна на македонски и англиски јазик.