Пред Вас е анализата „Пристап до средства за контрацепција и здравствени услуги за семејно планирање“, од која произлезе и документот за јавни политики „Со подобар пристап до контрацепција и услуги за семејно планирање до универзална здравствена заштита“ – обата документи изработени за да ги предочиме потребата и важноста од семејно планирање, како и степенот на достапност и употреба на модерната контрацепција во Македонија, наспроти реализацијата на заложбите од страна на Владата.
Семејното планирање е есенцијална инвестиција која го подобрува мајчиното и здравјето на новороденчињата, а придонесува и за намалување на сиромаштијата и за одржлив развој. Контрацепцијата сѐ повеќе се сфаќа и како начин на зачувување на плодноста и подобрување на здравствениот статус пред планираната бременост. Ова станува сѐ позначајно во општествата во кои просечната возраст на раѓање станува сѐ повисока.
Пристапот до модерна контрацепција е клучен за јакнење на жените со тоа што ја зголемува нивната независност и моќта за носење одлуки, индивидуално или во рамките на семејството, им овозможува поефикасно да ги планираат вработувањето и професионалниот развој и води кон подобрен баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот. Одредени методи на контрацепција, исто така, ја намалуваат инциденцата на ХИВ и сексуално преносливите болести.
Па, сепак, кога станува збор за достапноста и користењето на модерна контрацепција, реалноста во Македонија е загрижувачка. Колку за илустрација, само 14 % од жените во земјава, кои се во врска или во брак, користат контрацепција која проверено штити од непланирана бременост, а Индексот за Македонија, со кој се изразува потребата за семејно планирање, задоволена со модерни методи во рамки на генералниот национален „Индекс на универзална здравствена покриеност“, е оценет со 25, при што во светски рамки полош индекс од ова имаат само Албанија, Јужен Судан, Сомалија и Чад.
Иако државата се обврза да воведе модерни контрацептиви на позитивната листа уште во 2010 година со Националната стратегија за сексуално и репродивно здравје 2010-2020, а во 2017 година Владата вети дека ќе ја прошири Позитивната листа на лекови барем со едно модерно контрацептивно средство, констатираме дека дека до ден-денес ниту една влада не успеа да го подобри пристапот до контрацепција.
За важноста на контрацепцијата и дадените заложби и обврски на државата, но и за препораките што треба државата што поскоро да ги примени за да се подобри грижата за сексуалното и репродуктивното здравје во Македонија, разгледајте ја анализата достапна на македонски јазик или, пак, документот за јавни политики кој е достапен на македонски и англиски јазик.