Предмет: Соопштение до медиумите од прес конференцијата одржана на 18.01. 2011
Х.Е.Р.А. – Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување и Здружението на гинеколози опстетричари на Македонија бараат да биде сопрена Кампањата за објаснување на последиците од абортусот„Избери живот – Имаш право на избор“ поради тоа што:
во последните години не е регистриран смртен случај ниту пак посериозни компликации од абортус. Последиците, наведени во кампањата, може да произлезат од секоја медицинска интервенција и не е научно оправдано и ексклузивно да се поврзуваат само со абортусот
владината кампања е во целосна спротивност со стратешките интервенции од неколку тековни национални политики за намалување на стапката на абортуси во државата и унапредување на сексуалното и репродуктивното здравје на сите граѓани на Р. Македонија (Стратегија за безбедно мајчинство и Стратегијата за адолесценти и развој)
кампањата не го охрабрува, туку напротив го негира правото на избор секоја жена сама да го планира родителството и сопствениот живот и стимулира родово стереотипи
кампањата е насочена кон менување на јавното мислење и тоа кон разбирање дека станува збор за ризична медицинска интервенција која е основна причина за намалениот наталитет во Македонија. Може само да се претпостави дека оваа кампања има за цел поедноставно донесување на нов и рестриктивен Закон за абортус кој ќе го укине правото на избор на жената сама да одлучува дали ќе ја задржи или прекине бременоста.
Затоа ХЕРА и ЗГОМ препорачуваат:
наместо кампања за објаснување на последиците од абортусот да се работи на зголемување на јавната свест за користењето на оралната контрацепција како средство за намалување на бројот на несаканите бремености
правото на избор жената сама да одлучува како ќе го планира родителството, кое е и во согласност со Уставот и Меѓународно ратификуваните документи од страна на Република Македонија, да остане и понатаму загарантирано право при евентуално донесување на нови законски решенија за прекинување на бременоста.
да се подобри инфраструктурата и условите на услугите за безбедно мајчинство
да се воведе орална контрацепција на позитивната листа на лекови
да се воведат и да се имплементираат новите клинички упатства за безбеден абортус, вклучувајќи и регистрација на препаратите за медикаментозен абортус, со кои уште повеќе ќе се подобри безбедноста и квалитетот на услугите за прекинување на бременоста
да се воспостават механизми за подобар социјален и економски живот на идните родители (подобро образование и грижа за децата во предучилишната возраст, повеќе можности за вработување и обезбедување на социјални бенефиции за идните родители)
да се воведе посебен предмет за сексуално образование