На 9 и 10 декември 2015 год. во „Салон 19 19“ во Скопје и во Театарот во Куманово се одиграа две претстави од форум театарот „Пробај ги моите чевли“ во организација на граѓанските организации ХЕРА, НРЦ, Дендо Вас, Надеж и Кхам – Куманово. Целта на одржувањето на претставите, кои беа одиграни од аматерска актерска екипа, беше преку креативен начин да се подигне нивото на емпатија кај здравствените работници од една страна и кај ромската заедница од друга. Односно, преку промена на наративите кон пациентите Роми, да се подобри комуникацијата и нивото на соработка меѓу докторите и Ромите.
На одигрувањето на театарските претстави во Скопје и Куманово беа присутни гинеколози и матични лекари, медицински сестри, претставници од Институтот за јавно здравје, од граѓански организации, како и од ромската заедница во овие два града.
Форум театарот беше одбран како театарска форма токму поради тоа што дозволува низ интеракција со публиката да се пренесат информации и да се менуваат ставови и однесување. Преку дискусијата и активното вклучување на публиката, која е составен дел и еден од играчите во форум театарот, беше констатирано дека претставата имаше големо влијание и врз двете страни и ја постигна целта. Преку играните ситуации, и здравствените работници и Ромите, детектираа и се согласија дека имаат слабости кои доведуваат до конфликтни ситуации. Како препорака од форумот и дискусијата произлезе заклучокот дека е потребно во наставните програми да биде застапена наративната медицина како посебен предмет со кој ќе се подобри заемната комуникацијата. Поточно, преку развивање на вештини и запознавање со културата и традицијата на населението, кај докторите да се развие прилагодувањето кон културните навики на пациентите.
Одигрувањето на форум театарот „Пробај ги моите чевли“ беше еден дел од проектот за промена на наративите кај здравствените работници спрема пациенти Роми, кој од април 2015 година беше остваруван од страна на ХЕРА во соработка со Национален Ромски Центар (НРЦ), Дендо Вас, Надеж и Кхам – Куманово. Во рамките на овој проект, покрај форум театарот, беше реализирана работилница за сензитивизирање на здравствени работници и беа одржани фокус групи со претставници од ромската заедница и медицински персонал. Како резултат на овие активности, беа развиени и стрип постери за промена на наративите и разбивање на стереотипите кон пациенти Роми, кои потоа беа изложени во лекарски ординации и беа објавени во дневен печат.
Аматерската актерска екипа беше водена од актерката и режисерка Санела Емин и експертот за форум театар Владо Караев, и без нивниот придонес во подготовките и целокупниот процес, изведбата на форум театарот немаше да биде толку успешна.