Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – Х.Е.Р.А. сака да ја извести јавноста дека во текот на кампањата за избор на Претседател на Република Македонија побара од сите кандидати, доколку бидат избрани за Претседател на државата, да се заложат дека:
“ќе се спротивстават на секое законско решение со кое што дополнително (во однос на Законот од 2014) ќе се ограничи уставното право на жената за прекинување на бременоста, ќе го вратат до Собранието за повторно разгледување и ќе покренат јавна кампања за негово повлекување“.
Писмени одговори беа доставени од страна на двајца претседателски кандидати, г-дин Стево Пендаровски и г-дин Зоран Поповски. Двајцата кандидати изразија поддршка на индивидуалното право на секоја жена да одлучува за прекин на бременоста и дадоа завет дека ќе се спротивстават на секое ново предложено законско решение кои ги ограничува правата на жената за абортус.
Х.Е.Р.А им се заблагодарува на г-дин Стево Пендаровски и г-дин Зоран Поповски за поддршката на правата на жената и родовата еднаквост, како и за уверувањата дека нема да дозволат делегитимирање на правото за планирање на семејството, уставно право на секоја жена.
Како потсетување, во текот на минатата година, без никакво образложение, без консултации со стручната јавност, преку итна постапка, беа направени измени на Законот за прекинување на бременоста. Наместо суштински измени со медицина заснована на докази, се направија парцијални интервенции со коишто се отежнува пристапот на жената до абортус,
самостојно право на секоја жена, основно право со кое една земја го декларира третирањето на родовата еднаквост. Измените на законот се засноваа на анахроното верување дека бројот на абортуси може да се намали со законски ограничувања, наместо со подобри здравствено – социјални мерки.