Ни треба подобро образование за сексуалноста и за репродуктивното здравје!
Волонтерската група ХЕРАМлади денес (16 мај 2016 година) го организираше првиот Јавен час по сеопфатно сексуално образование на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Едукаторите на ХЕРА заедно со Огнен Јанески спроведоа 45 минутен час на кои зедоа учество истакнати личности од сите сфери на општеството. На јавниот час се зборуваше за 7 различни теми на сеопфатното сексуално образование: род, сексуално и репродуктивно здравје, насилство, врски и односи, различност, граѓански аспекти и задоволство. Преку овој симболичен час уште еднаш се истакна дека во нашето образование младите тешко можат да се информираат за сексуалноста и за репродуктивното здравје, но затоа, многу лесно можат да се сретнат со митови, информации кои поттикнуваат предрасуди и застарени податоци.
ХЕРА во изминативе 16 години обезбедува врсничко неформално образование и се залага за усвојување на современа наставна програма за сеопфатно сексуално образование како дел од наставните програми за основно и за средно образование. Оваа потреба е препознаена од неколку стручни институции и истакната во 4 национална стратегии, поддржана од граѓанскиот сектор, академската јавност и Собраниската комисија за еднакви можности. Ваквото образование е посочено како едно од решенијата за предизвиците со зголемениот број на сексуално преносливи инфекции, насилството меѓу младите, насилството врз девојките и жените, насилството врз младите кои се ЛГБТ, непланираните бремености кај адолесцентите, за најниската стапка на употреба на модерна контрацепција во Европа, но и за највисоката перинатална смртност во Европа.
Сепак, најодговорните институции, Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование, досега не само што не презедоа соодветни чекори, туку, користејќи догматски аргументи на партиска идеологија изјавија дека Македонија нема потреба од вакво образование.
А сеопфатното сексуално образование функционира. Акредитираните едукатори на ХЕРА минатата година спроведоа едукации со млади на средношколска возраст според програмата во согласност со насоките на Светската здравствена организација и УНЕСКО. Евалуацијата на програмата покажа дека:
• Врсничката едукација за ССО довела до подобрување на информираноста на учесниците во наставата
• Се бележат значајни промени кон подобрување на ставовите во целина и кај момчињата и кај девојките за сите покриени теми, вклучувајќи ги темите род, насилство и различност
Доколку демократијата и човековите права бидат главни принципи врз кои ќе се излезе од моменталната политичка состојба, се надеваме дека Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието ќе станат отворени за потребите на младите, ќе почнат да донесуваат програми кои се засноваат на научно прифатени аргументи и дека ќе пристапат кон воведување на современа програма за сеопфатно сексуално образование.
16 Mај 2016 година, Скопје