Проценка на потребите на лицата кои живеат со ХИВ во Македонија
Република Македонија е земја со ниска стапка на ХИВ/СИДА и со најнизок број на регистрирани ХИВ позитивни лица во јужно- источниот европски регион. Првиот случај на ХИВ е регистриран во 1987 година, а првиот случај на СИДА две години подоцна во 1989 година. Од првиот регистриран случај, па се до денес, регистрирани се вкупно 118 случаи на ХИВ/СИДА во земјата. Сепак податоците за трендот на ХИВ инфекцијата во последните 20 години покажуваат континуиран раст и околу 50 % од ХИВ позитивните случаи во земјата се регистрирани во последните пет години. Во 2009 регистрирани се вкупно 7 нови случаи на ХИВ/СИДА од кои 1 лице со СИДА и 6 лица се ХИВ позитивни лица. Официјалните статистики говорат дека хетеросексуалниот начин на пренос е доминантен за пренос на ХИВ инфекцијата. Во 2005 година во партнерство меѓу Асоцијација здравствена едукација и истражување Х.Е.Р.А и Клиника за Инфективни болести беше отворен првиот Центар за третман и психо- социјална поддршка на ЛЖХИВ и нивните најблиски – „Советувалиште за ХИВ/СИДА“ (во понатамошниот текст само Советувалиште). Во моментов Советувалиштето е единствениот специјализиран сервис во државата од ваков вид којшто воедно нуди психо- социјални и медицински услуги за ЛЖХИВ и нивните семејства. Персоналот во Советувалиштето го сочинуваат специјалисти- инфектолози, медицински сестри, социјален работник и психолог, како и акредитирани советувачи за доброволно и доверливо советување и тестирање (ДДСТ). Од 2009 година услугите кои се обезбедуваат во рамки на Советувалиштето се покриени од Буџетот на Република Македонија и Превентивната програма за заштита на населението од ХИВ/СИДА. Досегашната стапка на смртност кај ХИВ позитивните лица е мошне висока со оглед на тоа што голем број на лица се регистрирани во доцен стадиум на болеста СИДА. Од вкупната бројка на лица кои живеат со ХИВ која ги користи услугите на Советувалиштето за ХИВ/СИДА – при Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби која изнесува околу 35 лица. Со ова истражување беа опфатени вкупно 24 лица или 68.6 % од вкупниот број на клиенти на овој сервис. АРТ согласно националните протоколи за третман и грижа за прв пат беше воведена во Македонија во 2005 година со лекови од прва линија според СЗО и проширена со нови лекови од втора линија во 2006 година. Кумулативниот број на лица кои примаат АРТ до Ноември 2009 година е 23. Терапијата за ЛЖХИВ во Република Македонија се нуди централизирано во рамки на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби којашто во моментов претставува единствена референтна институција за лекување и третман. Капацитети на Инфективна Клиника беа подобрени со отворањето на ново одделение за хоспитализација на ХИВ позитивните пациентите, а беше воведена и опрема за мониторинг на ХИВ инфекцијата во 2007 (ЦД4 и вирусно оптеретување). Третманот со антиретровирусна терапија и лекување на опортунистики инфекции се покриени од Глобалниот Фонд и Националната превентивна програма за ХИВ/СИДА. Здружение на граѓани Х.Е.Р.А. во својата досегашна пракса има евидентирано неколку случаи на прекршување на човековите права на ЛЖХИВ поврзани со дискриминација на работно место и отежнат пристап до здравствени сервиси. И покрај тоа што овие лица се соочиле со стигма и дискриминација, поради стравот или недостаток на мотивација не ги искористиле правните механизми за да се справат со прекршувањето на нивните човекови права. Често пати и самите медиуми биле вклучени во прекршување на приватноста и доверливоста на ЛЖХИВ преку откривање на нивниот идентитет. Сензационалистичкото известување на медиумите во однос на ЛЖХИВ е се уште присутно кое уште повеќе доведува до заплашување на граѓаните и продлабочување на предрасудите и стереотипите за ХИВ меѓу општата популација. Во Република Македонија не постојат организирани или неформални групи од ЛЖХИВ кои ги застапуваат правата и интересите на нивната заедница. Како и да е во текот на 2009 година Х.Е.Р.А. иницираше активности за вклучување на ЛЖХИВ преку активно вклучување во изработката на Политиката и протоколот за ХИВ/СИДА, како и организирање на координативни средби и обуки за градење капацитети. До моментот на публикувањето на овој извештај формирана е неформална група на ЛЖХИВ којашто брои 10 лица и која е на почетокот на своето организирано дејствување.