ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукаци и истражување со поддршка на Град Скопје објавува конкурс за најдобра фотографија на тема: „Ова сум јас“.
Покажувам нешто мое, нешто што е значајно и поинакво… ми ја исполнува душава, телово, и ми носи насмевка на моето лице, безброј насмевки…А, знаете насмевката е заразна. ОВА сакам да го споделам со Вас…моето слободно време.
Конкурсот е организиран како дел од проектот „Советувалиште и едукација за превенција од употреба на дроги помеѓу средношколска популација во Скопје“ поддржан од Град Скопје.
Критериуми за учество:
- Право на учество имаат сите средношколци од средните училишта на подрачје на град Скопје
- Секој учесник може да учестува на конкурсот со повеќе од една фотографија
- Фотографиите кои се пријавуваат претходно не смее да биле објавувани на групни или самостојни изложби, весници, магазини или други промотивни материјали
- Фотографиите кои што се пријавуваат не треба да ја нарушуваат приватноста на луѓето, односно сите лица кои се на фотографијата претходно треба да дадат согласност за нивно фотографирање
Технички критериуми:
- Фотографијата треба да биде во резолуција не помала од 5 мегапиксели
- Фотографијата да биде во JPEG формат
Со секоја испратена фотографија потребно е да се испрати и наслов или слоган на фотографијата.
Фотографиите и нивните наслови односно слогани, кои се пријавуваат не смеат да содржат било какво насилство, да навредуваат или пак да дискриминираат по било која основа.
Фотографиите се испраќаат на следната е-пошта: fotografija@hera.org.mk. Во пораката треба да бидат испратени информации за авторот: име, презиме и контакт телефон. Со испраќањето на фотографиите, авторите се согласуваат да бидат објавувани во печатена или електронска форма за потребите на организаторот на конкурсот.
Конкурсот трае од 17-ти април до 3 мај. Во периодот од 3 до 8 мај сите пристигнати фотографии кои ги задоволуваат критериумите на конкурсот ќе бидат објавени на фејсбук страницата на ХЕРА ( www.facebook.com/hera.macedonia ). 20-те фотографиите со најмногу лајкови ќе влезат во потесен круг на селекција. Од овие фотографии од страна на стручно жири (составено од преставник на Град Скопје, ХЕРА, млад човек и фотограф) ќе биде избрана победничката фотографија и ќе се одберат фотографиите кои што ќе учествуваат на завршната изложба .
Авторот на победничката фотографија ќе биде награден со велосипед.