На 13 јуни 2016, Елизабета Божиноска се обрати на 58. седница на Комитетот за економски, социјални и културни права при ОН во Женева, во врска со 2., 3. и 4. Периодичен извештај на Република Македонија по Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права.
Осврнувајќи се на тоа како ограничениот пристап до информации за сексуалното и репродуктивното здравје во училиштата; слабата достапност на современата контрацепција; и назадните законски пречки за абортусот ги лишуваат жените од нивното право на здравје, таа изјави:
Мал е бројот на младите луѓе кои во училиштата добиваат информации за тоа како да користат кондоми или орална контрацепција, што укажува на тоа дека имаат ограничен пристап до информации за тоа како да си го заштитат своето СРЗ, додека пак актуелните наставни програми и учебници содржат неважни, застарени и пристрасни информации, како и родови стереотипи со јасна намера да предизвикаат омраза кон луѓето со различни сексуални ориентации и родови идентитети.
Современата контрацепција не им е достапна на жените и девојките. Македонија е една од земјите со најмала употреба на контрацепција во Југоисточна Европа, и во Европа воопшто. Современите средства за контрацепција не се покриени со здравственото осигурување. Најсиромашното население не може да си ги дозволи дури ни најевтините средства за орална контрацепција.
Во 2013 година беше донесен нов, рестриктивен закон за абортус, при што Владата покрена и кампања насочена против абортусот. Со законот беа воведени неколку правни пречки во пристапувањето до абортусот:
• Задолжително писмено барање
• Задолжително советување заради разубедување
• Задолжителен период на чекање
• Високо покачени глоби за давателите на медицинските услуги.Немањето пристап до информации и услуги е штетно по животот, но и по физичкото и менталното здравје на жените, а особено на оние жени кои поради својата сиромаштија, родова нееднаквост или семејно насилство ќе бидат присилени да побараат небезбедни услуги за абортус. Неодамна, тајната бременост на една студентка се заврши со спонтан абортус за време на нејзината апсолвентска екскурзија; на студентката не и’ беше пружена никаква медицинска или психо-социјална помош, а и во медиумите беше јавно стигматизирана за чедоморство. Имаме докази за случаи на неизбежен спонтан абортус и фетална смртност, кога жените – поради новиот закон за абортус – биле присилени да чекаат да истече задолжителниот тридневен период на чекање пред да им биде извршена медицинска интервенција. Загрижува и фактот што Државата има највисока стапка на перинатална смртност во Европа. Се покачува и преваленцата на сексуално преносливите инфекции, особено на хламидијата.
Мерките опишани овде се назадни и не се во согласност со Пактот.
Со сета почит му предлагаме на Комитетот да ја повика Државата да се погрижи сите поединци и групи да добијат пристап до сеопфатно сексуално образование коешто ќе биде недискриминаторно, непристрасно, засновано на докази и коешто ќе го земе во предвид развојниот капацитет на децата и адолесцентите; да овозможи пристап до безбеден абортус без да ги принудува жените на задолжително советување и медицински непотребен период на чекање; да овозможи соодветен пристап до услуги за семејно планирање за сите жени така што со јавното здравствено осигурување ќе ги покрие трошоците за современите средства за контрацепција.