Работна група за поддршка и самопомош на лицата што живеат со ХИВ во Република Македонија
Заедно посилни е првиот и единствен облик на самоорганизирање на заедницата на луѓето што живеат со ХИВ во нашата држава, чија цел е да делува за обезбедување меѓусебна поддршка, како и за подобрување на квалитетот на живот на луѓето со ХИВ во Република Македонија. Основана е во 2010 година по иницијатива на дел од самите засегнати лица, ХЕРА и Дневниот центар за третман, грижа и поддшрка при Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје по пројавената потреба за меѓусебна поддршка, но и активно вклучување на луѓето со ХИВ во разрешување на постоечките проблеми во системот на здравствена грижа, проблеми со обезбедување антиретровирусна терапија и тестови за следење на инфекцијата и социјалните прашања како стигмата и дискриминацијата.
Во самиот почеток групата броеше 8 членови кои после повеќегодишно доверливо чување на сопствениот ХИВ-статус, собраа храброст да седнат во иста просторија и да почнат да работат на разрешување на заеднички проблеми. Прв предизвик на кој наидоа беше составување на Правилник за работа со кој јасно ќе се дефинира начинот на работа на Групата, полињата на интерес и дејствување како и модели на пристапување кон групата, дискрецијата и сл. Групата за себе го избра името „Заедно посилни“, кое само по себе ја објаснува нејзината суштина. Некои од првите чекори на активно застапување и делување пред институциите, беа: испратено писмо до Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби – Скопје за отстранување на таблата пред одделението за ХИВ/СИДА при Клиниката, со цел да се сочува дискрецијата на лицата што се хоспитализираат на одделението; писмо со кое се реагираше до Министерството за здравство во врска со доверливоста на информациите кои би се нашле на промовираниот проект Електронска здравствена картичка и тоа дека мора да се води сметка за доверливоста на информациите и степенот на тајност и достапност до информации содржани во самата картичка. Во меѓувреме, процесот на прием на нови членови во групата не запираше и истиот постепено достигна 10, па 15, па 18 членови. Со самото проширување на групата се согледа и потребата од градење на капацитетите на членовите при што се организираа неколку тренинзи за лобирање, активизам, градење на капацитетите и управување со организација, а дел од членовите беа обучени и за ДСТ – доброволно советување и тестирање како и за врсничко советување (ВС) специфично за лицата што живеат со ХИВ. Активноста врсничко советување функционира од јули 2011 година во склоп на Дневниот центар за третман, грижа и поддршка при Клиниката за инфективни болести и е една од основните активности со кои Заедно посилни обезбедува поддршка за луѓето со ХИВ. Друга активност од овој вид е пишување или преведување на брошури и прирачници за информирање и едукација на пациентите. Активностите на застапување сè повеќе се насочија кон обезбедувањето терапија и тестови за следење на инфекцијата од страна на надлежните институции, со оглед дека ова прашање сè уште нема системско решение во Македонија. Веќе втора година, Заедно посилни се во постојана комуникација со Министерство за здравство, Бирото за лекови и Клиниката со цел изнаоѓање на квалитетен и одржлив начин на обезбедување на потребната терапија за третманот на ХИВ во Македонија, тестови потребни за редовно следење на ХИВ-инфекцијата (CD4 и PCR), како и со Институтот за јавно здравје за обезбедување на бесплатни вакцини за ЛЖХИВ.
Во декември 2011 година, групата помогна во реализација на концерт по повод 1-ви Декември – Меѓународниот ден на справувањето со ХИВ, кој ХЕРА го организира во партнерство со Македонската опера и балет, додека оваа година Заедно посилни за прв пат целосно ќе ја преземат неговата организација, секако со поддршка од ХЕРА. Во мај 2012 година, Групата учествуваше и во организацијата на првото одбележување на AIDS Candlelight Memorial во Македонија.
Денес Заедно посилни се претставени во Националниот координативен механизам за грантовите за ХИВ и туберкулоза и во Националната комисија за ХИВ/СИДА. Покрај тоа, Групата комуницира со повеќе други здруженија на луѓето со ХИВ во регионот и во светот.
Плановите за дејствување на Заедно посилни во иднина се активно застапување пред сите надлежни институции за брзо и квалитетно решавање на проблемот со терапија и пронаоѓање на одржлив начин за обезбедување на истата, набавка на сите потребни тестови за следење на инфекцијата, како и за подобра здравствена грижа, комуникација со медиумите и подигнување на јавната свесност за живеењето со ХИВ, активности насочени кон елиминирање на стигмата и дискриминацијата. Во моментот Групата работи на изготвување на статут со кој во наредните две години би се регистрирала како здружение на граѓани на лицата што живеат со ХИВ во Македонија.