На 13 декември, во хотел Александар Палас беше одржана “Национална конференција за здравјето на Ромите- можности и предизвици”, во организација на Министерство за здравство и ХЕРА, со техничка поддршка од Фондација отворено општество, УНИЦЕФ и УНФПА.
Цел на конференцијата беше унапредување на пристапот до здравствена заштита на Ромите преку моделот Ромски здравствен медијатор како и други модели кои директно ја вклучуваат заедницата како давател на услуга или посредник при нудење на одредена здравствена услуга.
На конференцијата беа донесени следниве заклучоци:
- Програмата Ромски здравствен медијатор која се реализира во рамки на Министерството за здравство во соработка со ХЕРА е една од клучните програми за унапредување на здравствената заштита и пристапот до услуги на Ромите која продолжува да се спроведува и во наредната година со финансиска поддршка од Владата на Македонија, агенциите на Обединетите Нации и ФООМ. Во текот на 2013 Ромските здравствени медијатори посетија 4.125 Роми и беа обезбедени 4.729 услуги, но најважно од с# е дека медијаторите се препознаени и добро прифатени од локалната заедница.
- Постои потреба и понатаму да се работи на континуирано запознавање и зајакнување на ромската заедница со цел полесно остварување на нивните здравствени и социјални права. Правната помош претставува исклучително потребен инструмент за информирање, едуцирање и мотивирање на ромската заедница при остварувања на нивните уставно загарантирани права. За обезбедување на правната помош заеднички треба да се вклучат не само невладините организации туку и институциите на системот.
- Потребно е поголемо вклучување и заложба на локалната самоуправа во унапредување на пристапот до социјална и здравствена заштита на ромското население согласно локалните потреби и усвоените локални стратегии за унапредување на здравјето на Ромите во заедничка соработка со граѓанските организации, здравствените медијатори како и локалните здравствени и социјални институции