Неделата во 17 часот, во центарот на Скопје беше нападнат Славчо Димитров, активист за правата на маргинализираните заедници и граѓански активист. Славчо е дел од Комитетот на Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија и од Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници. Непознато лице со качулка поминало покрај Славчо и неговите пријатели, го удрило со бокс во лицето и го „поздравило“ од име кое нападнатите не можеле да го чујат.
Случајот веднаш е пријавен во полициска станица, каде после едно враќање, неколку часа чекање и распитување на жртвите на насилството во ходникот на полициската станица, полицијата констатираше дека се работи за нарушување на јавен ред и мир со физички напад. Наместо овој тендециозен, застрашувачки и загрозувачки чин да се води како кривично дело и брзо да се реагира, полицијата сметаше дека дело од омраза може да помине и како нарушување на јавен ред и мир еквивалентно на пиење алкохол или фрлање ѓубре. Полицијата не ги зема предвид претходнодно дадените информации дека се работи за истакнат активист за човекови права, особено за правата на ЛГБТИ луѓето, кој и претходно бил напаѓан и вербално и физички, особено за време на нападите врз ЛГБТИ Центарот.
Активистите за ЛГБТИ правата, настаните организирани од ЛГБТИ организациите, ЛГБТИ Центарот за поддршка се често мета на физички напади и насилство, за кои речиси никогаш полицијата не ги наоѓа сторителите. Ја повикуваме полицијата и Основното јавно обвинителство да ја променат својата практика и овојпат итно да го најдат сторителот и истиот да го гонат согласно Кривичниот закон.
Овој настан не може да се гледа изолирано, надвор од скорешните напади на граѓански активисти и постојаните хомофобични и трансфобични напади. Ова не е само еден случаен напад, ова е напад кон сите оние кои имаат храброст да зборуваат и делуваат против насилничките и репресивни политики и напад против оние кои се осмелиле да бидат гласот на најтивките. Овој напад е обид за заплашување и за замолкнување! Како што напиша и самиот Славчо: стравот нема да биде темел на нашата иднина!
Скопје, 28.04.2015