До
Господин Никола Тодоров,
Министер за здравство
Почитуван господине министре,
Сакаме да Ве информираме дека во Општина Шуто Оризари сè уште е актуелен проблемот на немање на ординација на матичен гинеколог. Понудените решенија во изминатите две години од страна на Министерство за здравство и Фондот за здравствено осигурување се покажаа како неефективни, за нас жените од Шуто Оризари. Дополнително, сè уште постои праксата со наплати од страна на матичните гинеколози за услуги коишто нам – на жените, ни следуваат бесплатно. Токму затоа, повторно се обраќаме со барање за изнаоѓање решенија за нашите проблеми и образложение од каде потекнува нашето незадоволство.
Бараме:
1. Отворање на ординација којашто ќе нуди услуги на матичен гинеколог
Привремената мерка од Министерство за здравство, да доаѓа гинеколог од Поликлиника Чаир во Шуто Оризари не одговара на потребите на населението, а и не може да се искористи во изминатиов период. Во оваа ординација жените може да добијат вагинален и ЕХО преглед, но не може да им се направат брисеви или ПАП тест, не може да им се препише рецепт за лекарства, да добијат упат за лабораториски прегледи или пак да добијат упат за болнички прегледи и породување.
Дополнително, гинеколозите од Чаир за кои е предвидено да доаѓаат еднаш во текот на неделата, во изминатиов период најчесто воопшто не доаѓаат ниту еден ден во неделата, како што е предвидено со мерката и тоа е огромен проблем за сите жителки на општината кои имаат потреба од навремени и редовни прегледи и консултации.
Затоа БАРАМЕ Министерството за здравство да најде трајно решение за обезбедување на матичен гинеколог во Шуто Оризари, којшто ќе биде во ординацијата секој работен ден, ќе може да следи бременост, ќе издава рецепти и ќе дава упати за лабораторија и болничко следење и лекување.
2. Праксата на незаконски наплати за услуги кои нам пациентките ни следуваат бесплатно продолжува и понатаму во ординациите на матичните гинеколози
БАРАМЕ Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување конечно да најдат трајно решение за нелегалните наплати коишто пациентките кои се осигурени треба да ги добиваат бесплатно.
Со години наназад апелираме за проблемот на незаконската наплата која ги одвраќа најсиромашните жени да посетуваат гинеколог и да ја следат својата здравствената состојба.
Со години наназад апелираме за трајно решение за матичен гинеколог во Шуто Оризари каде живеат повеќе од 8000 жени во репродуктивен период, а има 0 матични гинеколози.
И денес прашуваме – Која е цената на нашето здравје?
И денес прашуваме – Потребно ли е мајки и новородени да го изгубат својот живот за институциите да ги слушнат нашите барања и да преземат мерки за да го заштитат нашето здравје?
Со почит,
Иницијатива на жените од Шуто Оризари
Скопје, 3 ноември 2015 година