Х.Е.Р.А. – Асоцијација за здравствена едукација и истражување е формирана во Јануари 2000 година како иницијатива на група од 6 млади волонтери - студенти и доктори по медицина. Основните цели кои тогаш се поставија пред организацијата се однесуваа на примарна превенција и едукација за ХИВ/СИДА, развивање на здрави животни стилови меѓу младите како и обезбедување пристап до третман и грижа на лицата кои живеат со ХИВ и нивните најблиски.
Уште во своите почетоци ХЕРА ја препознава потребата од промовирање на концептот за сексуалното и репродуктивното здравjе и права кој набргу го интегрира во своите програми и активности како сеопфатен јавно-здравствен пристап во борбата против ХИВ/СИДА епидемијата втемелен на концептот на човековите права.
Денес Х.Е.Р.А. е лидер организација меѓу граѓанскиот сектор која работи на промоција и унапредување на сексуалното и репродуктивно здравје и права, особено во делот на обезбедување на директни услуги преку нејзините сервисни центри и теренската работа. Тековно се спроведуваат повеќе програми преку кои нејзините корисници, особено младите и вулнерабилните групи, вклучувајќи ги лицата со низок-социоекономски статус, Ромите, Лицата кои живеат со ХИВ/СИДА, мажите кои имаат секс со мажи, сексуалните работници имаат пристап до сеопфатни информации, сексуална едукација и бесплатни и доверливи здравствени и социјални услуги. Во последниве неколку години ХЕРА силно работи на градење на капацитети меѓу граѓанскиот сектор, образовните и здравствените институции за промовирање на концептот на сексуалното и репродуктивно здравје и права. Покрај обезбедувањето на директни услуги, градењето на капацитетите на релевантните институции и организации и воопшто подигањето на општата свеста меѓу граѓаните ХЕРА силно се залага и лобира и за подобрување на националните политики и закони со цел постигнување на највисоки стандарди за сексуалното и репродуктивното здравје и права.
Историски преглед на позначајни резултати:
2000 – Отворена СОС телефонската линија за превенција од ХИВ/СИДА и Сексуално Преносливи Инфекции. Денес Инфо телефонската линија преставува јавен сервис чиишто услуги граѓаните може бесплатно да ги користат
2001 – Во соработка со Републичкиот завод за здравствена заштита промовирана пилот иницијатива за бесплатно, анонимно и доверливо ХИВ тестирање во Република Македонија која набргу е интегрирана како државна политика и стратегија и се спроведува во повеќе здравствени институции ширум земјата како дел од Националната превентивна Програма за ХИВ/СИДА
2001 – Отворен сервис за советување и тестирање за ХИВ/СИДА и пружање психосоцијална поддршка за лицата кои живеат со ХИВ/СИДА и нивните најблиски
2002 – Во рамки на Балканскиот проект Х.Е.Р.А. е избрана од страна на Meѓународната Федерација за Планирано Родителство како имплементатор на активностите и програмите за промовирање на сексуалното и репродуктивното здравје и права во Македонија
2002 – Одржан првиот Национален тренинг на тренери за врсничка едукација и сексуално и репродуктивно здравје. Денес Х.Е.Р.А е една од водечките граѓански организации кои работи на промовирање на моделот на врсничка едукација како концепт на неформално образование меѓу младите и адолесцентите. Х.Е.Р.А е активна членка и на Y-PEER мрежата.
2003 – Учество во изработка на првата Национална стратегија за ХИВ/СИДА 2003 – 2006 како член на националната мултисекторска комисија за ХИВ/СИДА и е директно вклучена во подготовките и развивањето на проектната апликација за Глобалниот Фонд за борба против ХИВ/СИДА, Маларија и Туберкулоза
2003 Дел од членовите на ХЕРА кои работеа на проекти фокусирани на ХИВ/СПИ превенција меѓу МСМ формираат посебно граѓанското здружение ЕГАЛ – Еднаквост меѓу мажи и жени со цел заштита на сексуалното здравје на ЛГБТ популацијата и намалување на хемофобијата во Македонија. Денес ЕГАЛ е една од водечките граѓански здруженија која работи на полето на ХИВ/СПИ превенција меѓу ЛГБТ заедницата и унапредување на сексуалното здравје и права.
2004 – ХЕРА е одговорна за спроведување на тригодишниот проект на Глобалниот Фонд за борба против ХИВ/СИДА, Маларија и Туберкулоза (2004 – 2007) во делот на следниве програми: превенција од ХИВ/СИДА меѓу младата популација на возраст од 15 до 24 години, превенција од ХИВ/СИДА меѓу мажите кои имаат секс со мажи (МСМ) и програмата за доброволно советување и тестирање за ХИВ и согласно обврските и целите на националната стратегија
2005 – Отворен првиот младински центар за сексуално и репродуктивно здравје “Сакам да знам“ во просториите на амбулантата Водно како заедничка иницијатива на ХЕРА и ЈЗУ Здравствен Дом Скопје и со поддршка од Министерството за здравство. Младинскиот центар нуди бесплатни и анонимни медицински и едукативни услуги за сите млади и адолесценти на возраст од 14 до 30 години
2005 – Во партнерство со Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби отворено Советувалиште за ХИВ/СИДА и дневен центар за лицата кои живеат со ХИВ/СИДА. Советувалиштето нуди бесплатно тестирање и советување за ХИВ/СИДА, психосоцијална поддршка на лицата кои живеат со ХИВ/СИДА и нивните најблиски и медицинска грижа и третман.
2006 – Отворен втор младински центар за сексуално и репродуктивно здравје “Сакам да знам“ во рамки на амбулантата Шуто Оризари во партнерство со ЈЗУ Здравствен Дом Скопје и Министерството за здравство
2006 – Х.Е.Р.А. станува асоцијативна членка на Меѓународната Федерација за Планирано Родителство една од водечките светски невладини организации кои работи на полето на сексуалното и репродуктивно здравје и права
2007 – Во соработка со Републичкиот завод за здравствена заштита и повеќе невладини организации започната е реализација на програмата за теренско ХИВ тестирање меѓу вулнерабилни и маргинализирани групи, вклучително млади, интравенски корисници на дроги, затвореници, мажи кои имаат секс со мажи и сексуални работници, со специјално опремено медицинско возило за ХИВ тестирање.
2007 – Учество во развивањето на втората национална стратегија за ХИВ/СИДА 2007 – 2011
2008 – ХЕРА е одговорна за спроведување на програмата за теренско ХИВ советување и тестирање меѓу вулнерабилни и маргинализирани групи во рамки на петгодишниот проект на Глобалниот Фонд за ХИВ/СИДА, Маларија и Туберкулоза (2008 – 2012) како дел од целите и обврските на националната стратегија
2008 – Учествува во експертската група од страна на Министерството за здравство за подготвување на анализата на политиките и програмите за контрацепција и абортус во Република Македонија
2008 – Учествува во подготовката на Превентивната програма за ХИВ/СИДА за 2009 година
Членство во Национални тела и мрежи
- Националниот Координативен Механизам за Борба против ХИВ/СИДА и Туберкулоза
- Националната Меѓуресорска Комисија за ХИВ/СИДА
- Y-PEER Македонија
- Македонска мрежа за намалување на штети
- Коалиција за заштита на сексуалните и здравствените права нa маргинализираните заедници
Членство во Меѓународни организации и мрежи
- Полноправна членка на Меѓународната Федерација за Планирано родителство – IPPF
- Y-PEER Мрежа
- Youth ASTRA Мрежа
- Y-SAFE
- Европска Група за Третман на ХИВ/СИДА
- AIDS Action EUROPЕ