ЗАСТАПУВАЊЕ

Веруваме дека предуслов за целосно почитување и остварување на човековите права е нивното сеопфатно препознавање во позитивните законски прописи.

Токму затоа ХЕРА иницира и активно учествува во сите процеси на подготовка на политики, програми и буџети поврзани со ХИВ и особено застапува за обезбедување на одржливоста на сервисите за ХИВ наменети за клучните популации засегнати од ХИВ.

Застапуваме и за воведување на најмалку три контрацептивни средства на позитивната листа на лекови и учествуваме во подготовка на политики и протоколи за семејно планирање. Од декември 2017 година бевме дел и од работната група на Министерството за здравство за подготовка на новиот либерален Закон за прекинување на бременоста, а во 2020 година учествуваме и во подготовката на Клиничкото упатство за безбеден абортус.

ХЕРА беше дел од усвојувањето на протоколи за заштита од дискриминација врз основа на сексуалната ориентација и родовиот идентитет, како и од формирањето на интерпарламентарна група во Собранието – прва ваква на Балканот – за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето во февруари 2018 година. Учествувавме во подготовката и застапувањето за усвојување на Законот за спречување и заштита од дискриминација којшто ги препознава родовиот идентитет и сексуалната ориентација како основа за заштита од дискриминација.

Бевме меѓу првите кои почнаа да застапуваат за интегрирање на Целите за одржлив развој (ЦОР) поврзани со родовата еднаквост во националните политики, заради што во 2016 година, заедно со Платформата за родова еднаквост, направивме и соодветна анализа. Продолживме со меѓународно застапување за сексуалното и репродуктивното здравје пред телата за човекови права на Обединетите Нации преку подготовка на извештаи во сенка и учество на сесии и меѓународни настани (застапување со Комитетот за елиминација на дискриминација врз жените, Самит за спроведување на Програмата за акција на Меѓународната конференција за население и развој, сесии за Универзалниот периодичен преглед на државата итн.).

Застапуваме и за обезбедување достапни и пристапни специјализирани услуги за жртви на родово базирано насилство, а со тоа и на одржливоста на граѓанските организации кои нудат такви услуги. Учествуваме во подготвката на Акцискиот план за спроведување на Истанбулската конвенција во 2018 година, анализата за трошоци за специјализирани услуги за насилство врз жени, подготовката и застапувањето за усвојување на Новиот закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство во 2021 година.

Учествувавме во ревизијата на Националниот план за подготовка и одговор на здравствениот систем за време на криза и успеавме да вклучиме поглавје за сексуално и репродуктивно здравје во време на вонредни и кризни состојби

Застапуваме и за поголем пристап до информации и услуги за сексуално и репродуктивно здравје за лицата со попреченост во согласност со наодите од нашите проценки на потребите од соодветни услуги.

Од 2017 година активно учествуваме и ги следиме процесите на развој на стратегиски документи за социјално претприемништво бидејќи сакаме екосистем во кој социјалните претпријатија ќе никнуваат и напредуваат. 

Заедно со Бирото за развој на образованието, во 2018 година формиравме Национална работна група за развивање модели на сеопфатно сексуално образование. По одлуката на Владата на РСМ за пилотирање на сеопфатното сексуално образование како изборен предмет во четири основни училишта во 9-то одделение, во декември 2019 година, заедно со Бирото за развој на образованието, ги обучивме и првите 15 наставници кои од септември 2021 година ќе го пилотираат ССО во нивните училишта. Подеднакво важно е што сеопфатното сексуално образование е препознаено во новата концепција за реформи во основното образование како изборен предмет.