ЗДРАВЈЕ ВО КРИЗИ

Репродуктивното здравје е човеково право, а услугите за репродуктивното здравје треба да се достапни во примарната здравствена заштита како во мирнодобни времиња, така и во време на хуманитарни кризи. Во услови на криза, се очекува дека 4% од жените ќе бидат бремени, а 15% од жените може да имаат компликации во текот на бременоста и при породувањето. Плус, расте и ризикот од родовобазирано насилство. Токму затоа заштитата на правото на сексуално и репродуктивно здравје во кризни и хуманитарни состојби ни е особено важна.

Во соработка со Министерството за здравство и УНФПА во 2014 година го дополнивме Националниот план за подготовка и одговор на здравствениот систем за време на криза со поглавје за сексуално и репродуктивно здравје во време на вонредни/кризни состојби. Во 2015 година за прв пат кај нас се организираше национална обука за обезбедување минимален пакет на услуги за сексуално и репродуктивно здравје во услови на криза (МИСП). А откако мигрантската криза неколкукратно го зголеми бројот на лица погодени од кризна состојба, почнавме да даваме и директни услуги за сексуално и репродуктивно здравје преку нашата мобилна гинеколошка амбуланта. Дел сме и од Меѓуагенциската работна група за репродуктивно здравје во кризи.

Во услови на пандемија, работевме на есенцијалниот пакет на услуги за сексуално и репродуктивно здравје за жените и маргинализираните групи на граѓаните, а подготвивме и брошури со времени препораки за антенатална грижа наменети и за бремените жени и за здравствените работници.

Повеќе: