Граѓанските организации за стандардизирани услуги за семејно насилство
За време на конференцијата организирана од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА и ОН Жени, која се одржа на 18 ноември 2015, беше презентиран процесот на стандардизација на сервисите за помош и поддршка на жените и децата жртви на семејното насилство во согласност со Истанбулската конвенција.
Овој процес ХЕРА го спроведе во текот на 2015 година во рамки на проект поддржан од ОН Жени заедно со Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство и 4 други невладини организации: Кризен центар „Надеж“ со нивниот сервис Интервентно сместување, Организација на жени, Скопје со сервисот Прифатен центар, Национален совет за родова рамноправност-СОЖМ со сервисот СОС мобилна линија, Женски форум, Тетово со Бесплатна правна помош и Асоцијација за здравствена едукација и истражувања – ХЕРА со услугата Психоцијална поддршка на жени и деца жртви и сторители на семејно насилство. За време на конференцијата, говорниците од овие организации ги презентираа резултатите и искуствата од имплементација на стандардите. Три од организациите, во директната работа со жртвите на семејно насилство, целосно ги имплементирале стандардите, додека кај две од нив, во иднина, ќе биде потребна дополнителна поддршка за исполнување на одредени кадровски и технички услови, согласно стандардите.
Во насока на обезбедување поголема достапност на услугите за заштита од семејно насилство на територијата на цела држава, на конференцијата се донесоа следните заклучоци:
– Македонија мора да ја ратификува Истанбулската конвенција како една од првите земји кои ја поддржаа. Конвенцијата е важна поради тоа што бара сеопфатен стандардизиран пристап кој ќе го подигне квалитетот и бројот на услугите кои граѓанските организации ги нудат за поддршка и заштита на жртвите на семејно насилство. Притоа, посебен фокус треба да се стави на унапредување на системот за препраќање помеѓу сите стандардизирани сервиси и институции со цел подобрување на квалитетот и достапноста на услугите наменети за жртвите на семејно насилство.
– Како главен предизвик во процесот на стандардизација се наметнува позицијата на невладините организации во Македонија. Не може да се зборува за стандарди и квалитет на услугите од невладини организации, ако не се препознае и признае нивната улога како подеднакво важни партнери на државата во борбата против семејното насилство. Затоа, државните институции, пред сè МТСП треба да воведат ефикасни мерки за интергирање на сервисите за жртви на семејно насилство кои ги исполнуваат стандардите во националните буџети и програми со цел да се обезбеди финансиска одржливост на истите.