Новата влада во 2017 година мора да го смени Законот за абортус
Денес е 28 септември – Глобалниот ден за акција за пристап до безбеден и легален абортус. Годинешната меѓународна кампања порачува: Зачекори во нашите приказни, зачекори во нашите чевли за да можеш да ги разобличиш осудата и родовите стереотипи. Ова е покана од жените до сите нас, да го замислиме непријатното и опасното искуство во ситуации кога абортусот е ограничен или забранет. Да замислиме како е да поминеш низ процедури кои го загрозуваат здравјето и животот, а повторно да бидеш соочен со осуда и омаловажување поради својот избор.
За жал, од 2013 година Македонија се вброи во земјите каде абортусот е ограничен. Во 2015 Комитетот за човекови права на Обединетите нации ù порача на Македонија да го смени Законот за прекинување на бременоста од 2013 година, со кој здравјето и животот на жената се ставаат под ризик. Оваа година, уште еднаш, Комитетот за социјални, економски и културни права на Обединетите нации заклучи дека одредбите од законот имаат заплашувачки ефект врз лекарите што може да води кон небезбедни абортуси, дека задолжителното советување пред абортус е прифатливо само ако е неутрално, информативно и ако ја поддржува слободната одлука на жената. Затоа препорача ревидирање на рестриктивните мерки на законот.
Иако со јасни насоки од меѓународните тела и стручната јавност дома, но и со докази за бројни случаи во кои жените во Македонија беа доведени во животозагрозувачки состојби при имплементација на Законот, сè до денес Министерството за здравство не презеде никакви мерки да ја промени состојбата.
Затоа на овој ден, наместо на Министерството за здравство, им се обраќаме на партиите пред претстојните избори и бараме да се заложат во своите политички програми дека во првите 90 дена ќе донесат нов закон кој ќе ги отстрани сите рестриктивни одредби и ќе овозможи сеопфатна заштита на здравјето, животот и правата на жените.
Во одбележувањето на овој 28 септември се приклучија и организациите Младински образовен форум, Тииит! Инк., Акција Здруженска, Антико, Асоцијација за локален рурален развој, Бори се женски, ЕСЕ, Женски форум, Коалицијата за здравствени и сексуални права на маргинализираните заедници, ЛезФем, Мајка, Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Националниот совет за родова рамноправност – СОЖМ, ОЖС, Организации на жени Кумановка и Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Со цел да придонесеме кон отворање на јавна дебата за Законот, заедно со нашите партнери Ве покануваме на организирано изразување „Овој Дом верува дека политиките за абортус (не) се во прилог на македонското општество“ кое ќе се одржи на 29.септември (четврток) со почеток во 19:00 часот во Македонската опера и балет, сала Империјал. На дебатата своите ставови ќе ги аргументираат Адела Поп Стефанија, Ана Мишковска Кајевска, Јагода Шахпаска, Каролина Ристова–Астеруд и Цветин Чилиманов.
По дебатата, од 22 часот следи концерт со Телемама, Милко и диџеј сет со Христина Шекерова.